Иле Николов е дипломиран градежен инженер зад кого стои 30-годишно работно искуство во струката. Петнаесет години работи во ГП”Пелагонија” – Штип, во погонот за производство и монтажа на челични конструкции и други занаетчиски работи. По транзицијата кај Николов се јави потребата, заедно со својот колега Аргир Лазовски, да создадат своја компанија со истата дејност која тие најдобро знаат и умеат да ја работат.
Во реализација на идејата тргнале од сопствениот став дека е неопходно, во градот на текстилот, да се развива и друг вид на индустрија, односно, како што Николов вели, да се сочува еснафот. Во 1999 година тие ја формираат “Актива”, чиј почеток е со скромен број од тројца инженери и десет работници, за денес оваа угледна компанија да стигне до бројка од 220 вработени, меѓу кои се и 18 дипломирани инженери од областа на градежништвото, машинството, електротехниката.
Господине Николов, идната година ќе одбележите 15 години од постоењето. Како од денешен аспект би го формулирале Вашиот развој?
Нашиот пат, нашата успешна развојна приказна ја градевме заедно со техничкиот директор Аргир Лазовски на еден чисто партнерски однос, одевме чекор по чекор, промислено и посветено реализирајќи ја нашата цел да израснеме во респектибилна компанија од областа на градежништвото. Во овие 15 години успеавме да се стекнеме со сопствен погон од 3.000 квадратни метри, опремен со најсовремена опрема за производство на челични конструкции и за монтажни работи. Опремени сме и со сопствени автодигалки, мобилни платформи за работа на висина до 20 метри, имаме комплетен возен парк за транспорт на луѓе, материјали и готова челична конструкција. Со еден збор, опремени сме со се она што ни е потребно за успешно да одговориме на сите предизвици кои секојдневно стојат пред нас. Започнавме со десет, а во моментов имаме 220 работници.
Колку и како сте обезбедени со работа, каде работите во моментов?
Имаме полни раце работа, во погон се сите наши капацитети. Ние сме комплетен изведувач на работите на градскиот пазар во Македонска Каменица, комплетен изведувач сме и на работите на фабриката на “Џонсон контролс” во штипската индустриска зона со вкупно 12.500 метри квадратни покриен простор, работиме на новата фабрика за автобуси во ТИРЗ “Бунарџик”, чиј инвеститор е белгиската фирма “Ван Хоол” со 36.000 метри квадратни површина. Нашите стручњаци и работници се ангажирани и на изградбата на новиот производствен погон на фабриката “Ким” во Неготино, а сме ангажирани и на многу други помали објекти. Работите за домашни но и за странски инвеститори.
Постои ли разлика, односно како е да се работи за странски инвеститори?
И во двата случаи работата мора да се изврши со високо ниво на квалитет, крајно професионално, да се спазат договорените рокови. Тоа е нашата Библија. Странските инвеститори бараат се да се заврши во временскиот рок даден од нивна страна. Тоа нас не присилува да работиме крајно ангажирано за да не плаќаме пенали за евентуално доцнење, но и да не си го нарушиме тешко стекнатиот авторитет на фирма која важи за една од исполнителните во однос на роковите и квалитетот.
Факт е дека индустриските капацитети се Ваша специјалност. Постои ли конкуренција во земјава на тој план?
Со оглед на капацитетите со кои располагаме и со кои сме димензионирани, нашиот ангажман секогаш бил во делот на изградбата на индустриските производствени капацитети во нашата држава. Штип како град на текстилот, секогаш имал потреба од инвеститори во делот на текстилната индустрија, и на тој план имаме изградено поголем број комплетни индустриски капацитети за потребите на оваа индустрија. Освен во овој дел, “Актива” има изведено капацитети и за потребите на индустријата за тули, металната индустрија, складови за нафта и нафтени деривати како што е складот на “Лукоил” во Штип, потоа поголем број бензински пумпи. Наш белег имаме оставено и во изградбата на скопскиот аеродром “Александар Велики”, на поголем број трговски центри како што е “Веро”, кај комплексот банки во Скопје, “Сити мол”, сме граделе спортски сали и други објекти.ж
Голем број на градежни компании во Македонија го намалуваат бројот на вработени, а Вие него постојано го зголемувате. На што се должи тој тренд на зголемена вработеност во “Актива”?
Бројот на вработени е во согласност со нашите потреби за изведба на објекти кои сме ги преземале и кои станале наша одговорност. Зголемениот обем на работа си бара и зголемен број работници поради што постојано примаме нови лица. Наша генерална политика е перманентно да обезбедуваме работен ангажман на тие луѓе. Се водиме од фактот дека се големи вложувањата во нивната едукација во однос на времето и на финансиските средства за тие да станат квалитетни работници – машинобравари, електричари, лимари, водоинсталатери, инсталатери за греење и ладење, бравари… Најлошо од се е да изгубите работник во кој сте вложиле толку многу, поради што тој факт нас нѐ исправа пред неопходноста постојано да бараме и изнаоѓаме работа за целосен ангажман на сите наши капацитети, меѓу кои на прво место е квалификуваната работна сила.
Има многу анализи кои укажуваат дека градежништвото е основниот двигател на индустрискиот раст во Македонија во овие кризни години. Би сакале да го слушнеме Вашето мислење за тоа како тоа да стане наша долгорочна состојба, а не само во време на кампањи?
Во оваа струка сум цел работен век. Градежништвото отсекогаш било предизвик за создавање нови вредности во сопствената држава. Лично ценам дека оваа гранка секогаш била фактор на ангажирање голем број работници, па со изведба на објектите се создаваат услови за нови вработувања. Овде пред сè мислам на изведените нови индустриски капацитети, додека во делот на патната инфраструктура, спортските терени, трговските објекти се создава една друга димензија за развој на државата чии бенефити ќе се почувствуваат нешто подоцна. Овде би сакал да го потенцирам примерот со спортската сала “Јасмин” во Кавадарци. Овој убав објект го изградивме ние во 1991 година како “Пелагонија”, а комплетната челична конструкција е изведена во погонот на “Пелагонија” каде јас и техничкиот директор на “Актива” Аргир Лазовски бевме вработени како главен раководен орган. Како млади инженери ја градевме салата со голем елан и тоа нам ни беше големо задоволство. До тој момент овој град немаше спорт, а кога салата се пушти во функција од Кавадарци излегоа големи таленти, пред сè во кошарката, како Стефанов, Гечевски и други. Тоа е доказ дека на овој план треба да се инвестира. Неликвидноста е голем проблем на нашето стопанство.
Како истиот да се надмине?
Така што банките ќе имаат повеќе пласмани кон стопанството, но со поповолни камати и со подолг рок на отплата. На тој начин уште повеќе ќе може да се раздвижи и да се зголеми индустриското производство. Банките треба да бидат вистински партнери на стопанството, наместо сегашните релативно строги, неповолни услови на кредитирање.
Како одат работите во ТИРЗ во близина на Штип? Фабриката на “Џонсон контролс” која Вие ја градите ќе биде прва од педесетте фабрики за колку што има место во зоната.
Работите на овој прв и засега единствен индустриски капацитет во зоната кај Штип се во завршна фаза. Во моментов забрзано работиме на инсталатерските работи и надворешната инфраструктура. Нашите очекувања се дека објектот ќе го завршиме и ќе му го предадеме на инвеститорот во месец јуни годинава, за тие да можат да го стават во функција и да вработат многу невработени.
Деловниот свет ве запозна и како производители на првиот македонски индустриски портален кран.
Во соработка со германската фирма SWE, “Актива” работи и на производство на монтажни индустриски портални кранови. Во моментот работиме на изработка на 30 такви кранови за потребите на фабриката за автобуси во “Бунарџик”. И на овој план ќе продолжиме да се развиваме.
Кадрите се најскапата инвестиција без која нема ниту сегашност ниту иднина. Секако дека имате добра кадровска структура, но има ли нешто што ви недостига?
Во последно време се јавува млад, образован кадар. Тренд кај младите е не само да дипломираат туку да го подобрат своето знаење и преку студии на трет степен на образование. На наша жалост овие кадри се со мал степен на знаење во делот на практичната примена на нивната професија за која се школувале. Ова е присутно и кај средното стручно образование кое треба да продуцира работници за непосредното производство.
Очигледно е дека треба соработка на нашето образование, од средните школи до факултетите, со непосредното производство при што средношколците и студентите уште во текот на своето образование практично би се едуцирале и би имале барем почетни сознанија за работата. Како стопанственик во овие три децении никогаш не сум имал најава од некој средношколски училишен центар од машинска и електро струка или од страна на технички факултет за посета на нашата компанија, или на некои од објектите што ги изведуваме за да можат да се стекнат со практични сознанија. Во мое време, како студент, имавме организирана пракса и бројни посети на поголеми објекти во изградба. Ова му фали на нашето образование.
Какви се Вашите планови во поглед на новите инвестиции во самата компанија за годинава и долгорочно. И кој е Вашиот став во однос на определување индустриски зони за домашни инвеститори со бенефиции како и за странските?
Перманентниот развој на “Актива” во оваа година бара доинвестирање во опрема и машини, проширување на производствените капацитети и освојување на нови инвеститори со оглед на нашата позитивна легитимација како одговорна и квалитетна компанија. Во однос на прашањето за зоните за домашните инвеститори мојот став е дека такви треба да има. Во нив домашните компании да можат да градат со одредени бенефиции од страна на државата. Тие бенефиции можат да бидат во обезбедување на објектите со електрична енергија, вода, патна инфраструктура.
Тие зони треба да бидат и на државно и на локално ниво, да се во непосредна близина на ТИРЗ бидејќи во перспектива ќе се јави потреба за меѓусебна соработка на домашните и странските стопански субјекти. Таквите локации треба да се определат со генералните урбанистички планови. Во перспектива ова го гледам како еден интересен момент за кој мислам дека повеќе наши компании би имале повеќе шанси за развој како фирми – кооперанти на поголем број странски компании кои инвестираат во ТИРЗ. За почеток можеби ова не изгледа многу интересно за домашните компании, но мое мислење е дека странските компании кои ќе дојдат во Македонија се повеќе ќе бараат домашни фирми кои ќе им бидат сериозни партнери во еден дел од нивните производствени процеси.
Објавено од: www.porta3.mk
This is a sample comment!
This is a reply to the sample comment!
This is a reply to a reply!
This is second sample comment!
This is third sample comment!
Once again nothing interesting to comment!