
Во индустриска зона „Запад“ кај Штип денеска беше пуштена новата фабрика на штипската градежна компанија „Актива“, која ќе работи под името „Актива аутомотив“ . Фабриката располага со близу 9.000 квадратни метри и со најсовремени машини, во што се инвестирани 4,5 милиони евра.
„Камен-темелникот го поставивме на 23 април минатата година, фабриката со производство започна во октомври, а денес само го проследуваме чинот на свеченото отворање. Во новата фабрика отворивме 100 нови работни места, со што за неполни три години од 120 „Актива“ израсна во колектив со над 300 вработени од кои 10 проценти се високообразовен кадар од металска, машинска и електро струка“, рече директорот на „Актива“, Иле Николов
За вицепремиерот Владимир Пешевски, кој исто така присуствуваше на отворањето, новата фабрика е нешто што во модерниот свет се нарекува „функционална економија“.
„За две години, развојниот концепт на „Актива“ планира бројот на вработени да се заокружи на 500 лица. Оваа компанија реализира производи кои се конкурентни на светскиот пазар зашто автобусите на „Ван Хоол“ во чие производство значаен удел има и „Актива“ се продаваат во цел свет. Тоа што оваа штипска компанија денес работи за најдобрите компании во светот е нешто што високо ја издигнува конкурентноста на она што е произведено во Македонија“, рече Пешевски.
Филип ван Хоол, сопственик на белгиската компанија, посочи дека за деловната соработка во Македонија е разговарано со многу фирми, за на крајот да се уверат дека во Николов и Лазовски го имаме најдобриот избор.
„Актива“ стана лидер во овој регион кој работи за нашите автобуси во Белгија и во Македонија, но ова е само почеток на нешто многу поголемо и повредно, зашто ние допрва ќе ја издигаме деловната соработка на многу повисоко ниво“, рече сопственикот на белгиската компанија за производство на автобуси.
Објавено од: www.reporter.mk
You must be logged in to post a comment.